Џафери: Очекувам автопатот Гостивар-Кичево да биде завршен во 2027 година

0
139

Техничкиот премиер Талат Џафери придружуван од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, изврши увид на работите на Коридорот 8 и делницата од Гостивар до Кичево. Од локацијата во Горна Бањица тој рече дека станува збор за мегапроект кој се реализира во последните 30 години и чие завршување се очекува во 2027 година.

– Проектот опфаќа делницата Тетово – Гостивар, Кичево – Требеништа – Ќафасан, од другата страна во Албанија веќе се работи делницата од Елбасан до граница, така што проектот е од Коридорот 8 којшто е врска меѓу Јадранот и Црното Море. Тоа укажува дека овој коридор е од особено значење. Паралелно со ова оди делницата на Коридорот10д Градско – Прилеп – Битола, така што државата добива инфраструктура со квалитет каква што би требала да биде сообраќајна инфраструктура. Им честитам на сите, успешна работа и да дочекаме сите заедно во 2027 година да бидеме присутни на пуштањето на проектот, рече Џафери.

Тој ирази оптимизам во реализација на проектот, бидејќи како што кажа, изведувачот на работите не е непознат со оглед дека веќе имаат реализирани вакви проекти и што според него е потврда дека навремено и квалитетно ќе ги завршат работите. Техничкиот премиер посочи дека државата ќе обезбеди сите предуслови за непречена работа.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по увидот на работите напомена дека е задоволен од реализацијата изградбата на Коридорите 8 и 10д, за кои кажа дека е најголем капитален проект од независноста на земјава.

– Државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во делот на инфраструктурата со инвестиција од преку две милијарди евра од изградбата на патната и железничката инфраструктура. Ова е многу значајно за државата, бидејќи денес се пробиваат и најтешките траси и на патната и на железничката инфраструктура на Коридорот 8 и на Коридорот 10д, рече Бочварски.

Тој напомена дека веќе се усвоени урбанистички проекти за делницата Тетово – Гостивар и се работи на експропријација на имот за на новиот автопат. Првиот човек на министерството за транспорт и врски посочи дека на седница на Влада е одобрен и дел од трасата од Гостивар кон Букојчане и дел од трасата на делницата 4 на автопатот Прилеп – Битола, дел од Коридорот 10д.