ДЗР: Фондот и покрај зголемување на приходите по основ на придонеси од ПИО, има недостаток на средства за исплата на расходите за социјални бенефиции

0
74

Оствареното зголемување на приходите во 2022 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции, истите се покриваат со одвојување на средства од Буџетот и учествуваат со 33,58 проценти во вкупните приходи на Фондот, констатирал Државниот завод за ревизија во денеска објавениот конечен ревизорски извештај на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Ревизорите утврдиле дека и во 2022 година не се надминати утврдените состојби од претходните години за кои ревизорот во континуитет известува, а се однесуваат на недостиг на стручен и обучен кадар за актуарство и перманентниот одлив на вработени од ИТ секторот и внатрешната ревизија, што влијае на развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети, функционирање на информацискиот систем и ажурноста на сите воспоставени системи и ефективноста на системот за внатрешни контроли.

Во извештајот се наведува дека е извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2022 година кај Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија за 2022 година.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2022 година, се додава, изразено е мислење со резерва во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.

Во објавениот ревизорски извештај ревизорите утврдиле слабости во делот на пописот и евидентирање во деловните книги на постојаните средства добиени по основ затворени стечајни постапки кои не се спроведени и на земјиштето за кое Фондот има сопственост/право на користење, како и бришење од сметководствената евиденцијата без одлука на Влада на расходуваните движните ствари.

Се наведува дека Фондот и понатаму не располага со податоци за вкупно наплатените средства од акции, како и решение за основот за повлекување на средства од сметката од страна на МФ, со што не може да ја потврди точноста и целосноста на наплатените приходи.

Ревизорите утврдиле дека постојат слабости при спроведувањето и реализацијата на дел од постапките за јавни набавки на ИТ, тековно одржување и изведување на градежно занатски работи на деловни објекти на Фондот, како и за набавка и плаќање за поставување на фотоволтаичен систем за производство на електрична енергија за кој не е навремено обезбедена документација за сопственоста на објектот и не извршен технички прием.

– Слабости во чување и архивирање на податоците во матичната евиденција и недовршен процес на индексирање и дигитализирање на микрофилмови и скенираните документи кои го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од ПИО.

Извор: МИА