Амбасадорката на САД Агелер за „Слободен печат“: За Груби на „црната листа“ не бев изненадена, бев задоволна

0
385

Во интервјуто за „Слободен печат“ амбасадорката на САД Анџела Агелер освен за црната листа и корупцијата, како и за проблемите во државата, говори и за предизвиците за Владата по шест месеци функционирање и постигнатиот напредок, но и за евроинтеграцијата како можен клуч за реформите во повеќе области.

Би почнала со прашањето што е во фокусот во последниве денови, таканаречената црна листа. Откако беше објавено дека г. Груби и судијата Беџети се додадени на листата, Вие рековте дека оние што го поткопуваат владеењето на правото во земјата, треба да сфатат дека корупцијата има последици. Освен што не можат да влезат во САД, овие лица што се на црната листа, би рекла дека не можеме да видиме дека тие лица трпат какви било последици. Напротив продолжуваат да функционираат нормално со секојдневниот бизнис. Тогаш која е поентата на црната листа?

– Благодарам за прашањето, бидејќи целта на Соединетите Држави ставајќи некого на листата според кој и да е закон, е соодветна и затоа што тоа го бара нашиот закон. Американскиот закон вели дека кога сме свесни за дела на корупција што се штетни за националните интереси на која било земја, тогаш од нас се бара да ги назначиме според таа категорија на закон. Така, ова не е обид за мешање или за насочување кон нешто во оваа земја или во која било друга во која ние исто така вклучуваме луѓе (на црната листа).

Како и да е, тоа е механизам што многу други земји го сметаат за корисен кога Соединетите Држави составуваат случај, а ние тоа го правиме многу, многу внимателно, многу темелно и со големо внимание на она што законот го бара како доказ. Кога ние ги вклучуваме тие луѓе, многу земји сметаат дека е корисно за да го надградат тоа и да преземат чекори. И како што реков пред некој ден и како што сум кажала и порано, нашата најголема надеж е дека, имајќи предвид што многу од информациите се достапни токму овде во оваа земја, дека истражителите, оние што го спроведуваат законот, обвинителите, судиите, исто така ќе се надоврзат. Затоа што верувам дека корупцијата има последици. Таа треба да има последици. И затоа, се надевам дека и лидерите и официјалните претставници овде ќе го следат тоа.

Морам да Ве прашам, бевте ли изненадена кога го видовте името на Груби на листата?

– Не. И моја претпоставка е дека веројатно никој во оваа земја, меѓу граѓаните, во судството… не бил изненаден кога го видел неговото име на листата. Една од работите што е факт е кога САД објавиле назначување на некој поединец, а истото важи и за судијата Беџети, никој не вели, боже, не ми се верува. Сите знаат во оваа држава кој е корумпиран. И јас, и вие знаете, искрено, дека ова е нешто за кое тесно соработувавме со Вашингтон за да го обработиме. Поминаа многу, многу месеци. Така што воопшто не бев изненадена. Бев многу задоволна. Бев многу задоволна и што Вашингтон можеше да го објави соопштението на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, на 9 декември. Значи, не бев изненадена. Бев задоволна.

Извор СП

Извор СП