Тргнете ги рацете од Уставниот суд! Останете реално и вистински посветени на заложбите за владеење на правото, за правна држава за европски вредности! Секој што мисли дека владеењето на правото и правната држава ќе биде попречена со политички манипулации, притисоци и влијанија, да не се трудат! Никој не е над Уставот.
Секој е должен да го почитува Уставот.
Никој неможе да има повеќе власт и права од оние што му ги доделил Уставот! Ова им го порача претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски на денешната прес – конференција на политичките чинители во државава.
Тој упати порака и до граѓаните да бидат спокојни, бидејќи Уставниот суд ќе продолжи безкомпромисно да го чува Уставот и граѓанските слободи и права.
Владеењето на правото и правната држава неможат да повредат ничии права или чувства, напротив, тие се гаранција за вашите слободи и права кои се признати со меѓународното право и утврдени во Уставот! Не дозволувајте вашите чувства да бидат манипулирани од било кого.
Силата на Уставот е втемелена во волјата на секој од нас да го штити и да застане зад него! А јас, ќе останам доследен на моето ветување од првиот ден како претседател, лојален сум само на Уставот и никому друг!, истакна Костадиновски.
Правејќи пресек на сработеното во 2024 година, претседателот на Уставниот суд, посочи дека ова е година во која одбележувајќи го јубилејот 60 години уставно судство, Судот се соочи со крупни реформи и новини во неговата работа, но, за жал, и година на сериозни политички притисоци и влијанија врз Судот.
-Обидите за политизација, етнизација на постапките и одлуките на Судот со употреба на неосновани непристојни квалификации за мене, за Судот, неспорно претставуваат политички притисок и влијание врз Судот.
И притисоците и влијанијата, и манипулациите во повеќе наврати а и сега со индигнација ги отфрлам.
Тие немаат никаква допирна точка ниту со заложбите за вледеење на правото, ниту со Уставната, правната и политичката култура, ниту пак со европските вредности.
Но тоа е нашата општествена или како јас ја нарекувам уставна реалност, истакна Костадиновски.
Покрај ваквата реалност, како што додаде, Судот не потклекна и влијанието не се рефлектираше врз квалитетот на нашата работа.
-Накусо ќе кажам дека 2024 година ќе биде забележана како година на револуционерни реформи во работењето на Судот, една од најефикасните по однос на предметите коишто сме ги решиле, но и година на зголемена доверба на граѓаните во Уставниот суд, ако се зема предвид приливот од пристигнатите иницијативи, бројка што оваа година отскокнува од годините претходно, рече Костадиновски.
Потенцираше дека токму оваа 2024-та кога се слави 60 години од основањето на Уставниот суд, овој состав на Судот го унапреди своето работење со донесување на најзначајниот документ за саморегулација на начинот на работа и постапката пред Судот, а тоа е новиот Акт.
Со новиот акт, како што рече, се отстранети бројни слабости и можности за манипулативност во постапувањето на Судот кои беа воочени, а клучната промена која ја донесе овој Акт се контролните механизми за должината на постапките со што се скратува рокот и се забрзуваат постапките.
-Посебно значајна новина е што со новиот Акт постои можност ако Судот поведе постапка за уставност и законитост на некој пропис или негови одредби, да не донесе одлука за нивно укинување или поништување, туку да определи рок од најмногу шест месеци доносителот на оспорениот пропис да го измени или дополни истиот во согласност со наодите и аргументите на Судот, рече Костадиновски.
Целта на оваа новина, како што појасни, е да не настане правен вакум или последица за граѓаните.
-Секако доколку доносителот на актот не постапи по барањето на Судот, Судот ќе ја донесе својата одлука но граѓаните ќе знаат дали и како некој државен орган се грижи за нивните слободи и права.
Оваа новина веќе е применета во предметот за Законот за електронските комуникации и обврската за прибирање мета податоци, рече Костадиновски.
Друга значајна новина, како што нагласи, е можноста Судот да изготви и усвои посебен извештај за континуирано неуставно или незаконско постапување на некоја од властите до која Судот дошол низ редовната надлежност постапувајќи по предмети.









