НА МЕРКО МИ ПРЕТИ ЗАТВОР ОД СИТЕ 9 ОБВИНЕНИЈА

0
247

Рамиз Мерко остана без пасош- судот во Струга го прифати предлогот на обвинителството за определување мерки на претпазливост кои вклучуваат и обврска струшкиот градоначалник една неделно да се јавува во судот. Од јавното обвинителство соопштија дека ова следува поради опасност од бегство, откако Мерко доби уште едно, девето обвинение. Се работи за кривично дело откако на почетокот на годинава надвор од сите процедури пред општината беше поставена спомен плоча испишана само на албански јазик, поврзана со фашистичкиот период во кој Струга била под италијанска окупација. Со тоа тој поттикнува етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, велат од обвинителството.

„ Имајќи предвид дека обвинетиот е долгогодишен јавен функционер, против кого ОЈО Струга во краток временски период годинава поднесе повеќе обвиненија и веќе води осум судски постапки за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење во службата, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон. Со последното поднесено обвинение вчера, во основните судови во Струга и во Битола, против обвинетиот ќе се водат вкупно девет активни судски постапки, при што во секоја од нив му е запретена и затворска казна. “ – соопштија од јавното обвинителство.

Според коалцијата „Вреди“, Мерко и неговите сопартијци не можат повеќе да се спасат, како што велат, од обвинителството, судовите и МВР кои некогаш ги штителе. „ ДУИ нон грата се урива како кула од карти! Оние кои 20 години ја упропастија државата со корупција и криминал денеска се соочуваат со правдата. Артан побегна, Прпарим исчезна, Мерко нема пасош, а ќелиите се дезинфицираат за да ги пречекаат сите! “ – велат од „Вреди“.

Инаку, Рамиз Мерко е првиот функционер од ДУИ кој лани во јуни беше ставен на американската црна листа поради вмешаност во значителна корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството.