Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, предупреди дека процесот на уставни измени и евроинтеграции мора да се заштити од билатерализација. Според експертите, проширувањето на ЕУ е од суштинско значење за европската стабилност, додека претседателката Силјановска истакна дека проблемот со билатерализацијата е длабок и во рамките на Унијата
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани изјави дека Владата има јасна политичка волја за спроведување на уставните измени, но нагласи дека е клучно процесот на евроинтеграции да се заштити од билатерализација.
Неколкупати досега, заедно со премиерот, нагласивме дека обврските за уставните измени се преземени. Имаме подготвеност и волја за нивно спроведување, но мораме да го заштитиме процесот од билатерални влијанија, бидејќи пристапниот процес бара фокус на реформи и усогласување со европските стандарди“, изјави Муртезани.
Тој додаде дека постои разбирање од страна на Брисел, а Владата се надева на стабилна политичка влада во Бугарија со која ќе може да се продолжат дијалозите.
„Билатералните договори, како оној за добрососедство, наметнуваат обврски за двете страни. Бугарија е обврзана да нè поддржува, а не да нè блокира“, нагласи Муртезани.









