Претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, за албанските медиуми зборуваше за бројноста на македонската заедница во земјата и за тоа каде таа главно е сконцентрирана.
Според него, македонската заедница реално брои над сто илјади на целата територија на Албанија и дека, кога би бил спроведен реален попис, тоа би се потврдило.
Македонската заедница официјално живее во областите Гора, Голо Брдо, Преспа, Врбник и областа Девол, долж албанско – македонската граница. За жал и ден денес се следи комунистичката политика, која нас Македонците не признава како малцинство само во областа Преспа, Општина Пустец. Не ги признаваат Македонците во Гора и Голо Брдо. Ним дополнително им се вршеше притисок и на другите пописи да не се изјаснуваат она што се – Македонци, рече Стерјовски.
Освен во овие области, повеќе десетици илјади Македонци живеат во Тирана, Елбасан, Драч, Кукс и други градови, вели тој.
Стерјовски, кој беше пратеник во Парламентот, во интервју за телевизијата „МЦН“ рече и дека изборниот систем во Албанија ги дискриминира малцинските заедници и прави да биде тешко нивни претставници да бидат избрани за пратеници.









