МАЈКАТА НА ЈОВАНОВ: Загубата е ненадоместлива и непрежалива, се зацрнија два дома

0
256

Мајката на Васил Јованов, момчето кое на 29 јануари на Партизанска ја прегази Фросина Кулакова, денеска низ солзи на прес-конференција изрази најдлабоко сочувство до семејството на девојката.

Таа особено се обрати до мајката на Фросина. Кажа дека со несреќата две куќи се затвориле. Рече дека само мајка може да разбере како ѝ е на другата мајка.

„Загубата е ненадоместлива и непрежалива. Како што кажа сопругот, таа вечер се зацрнија два дома. Бремето од оваа ситуација ќе остане да тежи до крајот на нашите животи, на целото наше семејство. Мислам дека само тој што има дете би требало за миг да може да се стави и во нашата кожа и да претпостави колку е страшно, колку е болно и каков товар е ова. Секој ден се молиме на Бога за семејството на Фросина да има сила да ја издржи оваа загуба и смирение да ја прифати. Како мајка стојам на располагање на другата мајка ако со било што можам на било каков начин да се најдам во овој претежок период“, вели Ана Јованова.

Таткото на Васил Јованов, Зоран Јованов кој е офицер во АРМ, тврди дека синот го украл возилото. Тврди дека не преземал мерки за да го извлече синот.

Но, сестрата на загинатата девојка, Росица вчера ги повика медиумите да не објавуваат видео со кое адвокатот Сашо Дукоски ќе сака да го очовечи убиецот.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков тврдеше дека по несреќата три часа чекале обвинител и дека таткото на Васил не изразил сочувство.

Семејството на Фросина беше гневно откако се појави фотографија како Васил во притвор има мобилен телефон. Потоа телефонот беше одземен.

Инаку, семејството на девојката бара и родителите да сносат одговорност.