МУРТЕЗАНИ: ЗА НАС НЕМА ПОГОЛЕМ ПРИЈАТЕЛ ОД ГРЦИЈА

0
254

Одговорно тврдам дека немаме поголем пријател и поддржувач на нашата европска интеграција од Грција, истакна министерот за европски прашања Орхан Муртезани, во разговор со дописничката на МИА од Атина, по завршувањето на неговата дводневна посета на Грција, нагласувајќи дека добрососедските односи се заеднички приоритет и имаат потенцијал да се зајакнат и продлабочат.

Муртезани посочи дека ова беше прва официјална посета на Атина на претставник на новата Влада по изборите кај нас, а имаше можност да се сретне и да поразговара со заменик-министерката за надворешни работи Александра Пападопулу и со потпретседателот на грчкиот Парламент и претседател на Комисијата за европски прашања Јоанис Плакиотакис.За МИА оцени дека средбите поминале во одлична и пријателска атмосфера.

Со оглед на тоа што постизборниот период кај нас се совпадна со предизборниот период за евроизборите во Грција пред околу осум месеци и се чинеше дека постои одредено заладување во билатералните односи, министерот за европски прашања, сега оценува дека релациите меѓу Скопје и Атина се пријателски, а „ова пријателство мора и понатаму да се зајакне“.

– Најодговорно можам да тврдам дека овие два дена во Атина се чувствувам како во пријателска земја, многу топло бев примен, на наше располагање беа ставени сите можности и капацитети на Грција да ни помогнат и бидете сигурни дека тоа го прави само земја којашто нè смета за пријател. Ова пријателство мора и понатаму да се зајакне. Добрососедските односи се наш заеднички приоритет, тие мора да се зајакнат. Ние сме земји-членки на НАТО и рамо до рамо придонесуваме за стабилноста во регионот и во светот, така што има многу работи коишто ние треба и мора да ги интензивираме, нагласи министерот.