Утре се одлучува дали Додик ќе оди во затвор, тој се заканува со „радикални мерки“

0
554

Суд во Босна и Херцеговина утре ќе ја заврши едногодишната судска постапка против лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, кој е обвинет за непочитување на одлуките на високиот претставник.

Доколку биде прогласен за виновен, Додик и неговите најблиски соработници најавуваат „радикални мерки“.

На последното рочиште, предвидено за изнесување на завршните зборови на обвинителството и одбраната, ќе се утврди судбината на Додик и директорот на Службениот весник на Република Српска, Милош Лукиќ.

Доколку процесот заврши истиот ден, судијката Сена Узуновиќ може веднаш да ја соопшти пресудата или најдоцна до 25 февруари.

Додик и Лукиќ се обвинети затоа што во 2023 година дозволиле објавување во Службениот весник на два закона донесени од парламентот на РС, иако тие претходно беа поништени од високиот претставник Кристијан Шмит.

Со овие закони во РС се настојуваше да се забрани спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на БиХ и на високиот претставник.

Во БиХ, непочитувањето на одлуките на високиот претставник е кривично дело за кое се предвидува затворска казна до пет години.

Доколку Додик биде осуден, тоа автоматски би значело и негово разрешување од функцијата претседател на РС.