Со 77 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, Собранието денеска попладне ја изгласа интерпелацијата на членката на Судскиот совет, Весна Дамева.
Гласањето недоверба за работата на Дамева го поддржаа пратениците од владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, кое заедно со партнери во „Вреди“ и ЗНАМ ја поднесе интерпелацијата.
По неа воопшто не се изјаснија нивните колеги од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ) кои уште за време на расправата за интерпелацијата на Дамева ја напуштија пленарната сала.
Од друга страна, уште пред почетокот на седницата од опозициската Левица најавија дека гласаат за интерпелациите бидејќи, како што рече пратеникот Борислав Крмов, мора да се испрати порака до судството.
Инаку, интерпелацијата на Весна Дамева беше прва на дневен ред на денешната 40. пленарна седница на законодавниот дом.
Освен за Дамева, владејачкото мнозинство бара интерпелација и на нејзините колеги избрани од Собранието, Тања Чачарова-Илиевска, Муљазим Мустава, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.









