Европската Унија ќе мора да купи американски енергенси во вредност од 350 милијарди долари за да добие одложување на новите царини, кажа Доналд Трамп, отфрлувајќи ја понудата за заемни царини од 0% за автомобили и индустриски стоки.
Ова доаѓа откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен кажа дека ЕУ ќе му понуди на Вашингтон укинување на царините за увоз на автомобили и индустриски стоки, ако САД го направат истото. Запрашан од новинарите во Белата куќа дали е тоа доволно, Трамп одговори:
„Не, не е. Имаме дефицит со Европската Унија од 350 милијарди долари и тоа брзо може да исчезне. Еден од начините е тие да купат наши енергенси. Нека ги купат и ќе можеме за една недела да ги избришеме тие 350 милијарди долари“, изјави Трамп.









