НАУЧНИЦИТЕ ГИ ОТКРИЈА ДОСЕГА НАЈСИЛНИТЕ ДОКАЗИ ЗА ПОСТОЕЊЕ НА ЖИВОТ НА ДРУГА ПЛАНЕТА

0
312

На планета во соѕвездието Лав многу поголема од нашата се откриени траги на две соединенија што на Земјата ги создава само биолошка активност. Астрофизичарите го сметаат тоа за досега најубедлив доказ дека живот постои надвор од Сончевиот систем. Нема знаци за вонземна цивилизација, но откритието ни помага да одговориме на вечното прашање дали сме сами во Универзумот.

Кај џиновска планета оддалечена 124 светлосни години астрономи ги откриле досега најцврстите знаци за живот. Кога вселенскиот телескоп Џејмс Веб се фокусирал на планетата К2-18б открил траги од соединенија за кои научниците тврдат дека може да ги создаде само жив свет. Астрофизичарите укажуваат дека присуството на диметил сулфид и диметил дисулфид не се стопроцентен доказ за биолошка активност, но и дека никогаш не биле поблизу до таков заклучок.

На нашата планета сулфидите DMS и DMDS се производ од морскиот фитопланктон и се сметаат за биопотписи на Земјата.

Ова е најсилниот доказ досега за биолошка активност надвор од Сончевиот систем. Ова може да биде точка на пресврт во обидот да одговориме на фундаменталното прашање дали сме сами во Универзумот, изјави астрофизичарот Нику Мадхусудан од Универзитетот во Кембриџ кој ги предводеше набљудувањата.

Планетата К2-18б во соѕвездието Лав е 2,6 пати поголема од земјата и девет пати потешка. Околу својата ѕвезда, црвено џуџе двојно помало од Сонцето, орбитира во зона погодна за живот, на далечина со температури што овозможуваат водата да биде во течна состојба.