Денеска истекуваат владините мерки за ограничување на цените и трговските маржи на 102 групи производи. Од Министерството за економија и труд најавуваат дека ќе ги анализираат ефектите, а ако се утврди злоупотреба или енормен раст на цените – ќе следат нови, построги интервенции.
„Ќе реагираме со проширување на листата на производи или зголемување на ограничувањата на маржите“, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој нагласи дека мерката дала резултати, со пад на цените на храна и пијалаци.
Според Државниот завод за статистика, во март инфлацијата изнесувала 2,7%, додека кај храната и пијалаците е забележана дефлација од 1,3%. Слични трендови се очекуваат и за април.
Заменик министерот Марјан Ристески додаде дека ќе се чекаат конечните податоци пред да се одлучи дали мерките ќе продолжат. „Ако нема потреба – ќе се остави пазарната економија да ги регулира цените“, рече тој, додавајќи дека учесниците во трговскиот синџир мора да ја научат лекцијата – стандардот на граѓаните е приоритет.
Од 20 март, со владината уредба беа замрзнати маржите на стотина производи, а осум основни намирници добија највисока дозволена цена. Со новите законски измени, трговците се обврзани да ги објавуваат и ажурираат цените на своите веб-страници секој ден до 10 часот.
Во фокусот е и изработката на нова, прецизна потрошувачка кошничка, која, за разлика од синдикалната, ќе се базира на поширок број трговци и реална потрошувачка на тричлено или четиричлено семејство. Драфт верзијата е готова, а документот се очекува да биде достапен следниот месец.
Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) предлага воведување алатка за споредба на цени, а од министерството велат дека идејата е во разгледување. Целта е да се зголеми транспарентноста и заштитата на купувачите.
По истекот на владините мерки за ограничување на цените на 102 основни производи, институциите повторно сигнализираат можност за интервенции – овојпат поостри и пошироки. Во меѓувреме, трговците имаат обврска секојдневно да ги објавуваат цените на своите веб-страници, а Владата работи на развој на софтвер за споредба на цени во реално време.









