Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска, која е осомничена за кривичното дело „оддавање службена тајна“ во случајот „Адитив“, во писмо до јавноста вели дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смее да биде оспорен.
Таа се повикува на принципот на презумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото, коишто треба да се почитуваат.
Останатите 6 члена на институцијата која ја претставувам, немаат никаква поврзаност со делото за кое сум осомничена, вели во соопштението до јавноста.
Димитровска ја информира јавноста дека нејзината комуникација била со семеен пријател, кој подоцна станал обвинет во случајот „Адитив“, а комуникацијата се одвивала во период пред да започне постапка за него пред надлежното обвинителство.
„Од соопштението од ОЈО за ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор по оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот „Адитив“. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата. Ова го тврдам одговорно“, стои во соопштението на Татјана Димитровска, Претседателката на ДКС.
Димитровска истакнува дека во Државната комисија за спречување на корупцијата во тек е постапка за проверка на имотната состојба на наведено лице.
„Со електронската распределба предметот не е доделен за постапување кај мене, а согласно утврдените правила немам никаква можност да влијаам врз текот на постапката или врз исходот. Одлуките на ДКСК се носат колективно, со мнозинство гласови на членовите“, стои во соопштението.
Таа дописот го завршува со ветување дека целосно ќе соработува со надлежните правосудни органи и очекувам брза и транспарентна разрешница на настанот, вели дека мерките на претпазливост ќе ги почитува во целост, а до конечно изјаснување на обвинителството нема да дава дополнителни јавни изјави, „освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност“, пишува Димитровска.









