Во средината на распадот на Југославија, додека Хрватска се подготвуваше за вооружен конфликт со Србија, тогашниот претседател Фрањо Туѓман имаше план да го ослаби Белград со отворање на таканаречениот „јужен фронт“, пишува новинарот Михаел Мартенс.
Во јануари 1991 година, во градот Стубичке Топлице, претставници на Албанци од Косово, Македонија, Црна Гора и Прешево се собраа на таен состанок под заштита на хрватската специјална полиција. Темата – дали Албанците треба да се вооружат и да се приклучат во војната – против заедничкиот непријател.
За овој настан, до неодамна малку познат на пошироката јавност, сведочеше косовскиот публицист и политичар Ветон Сурои, во интервју за германскиот новинар Михаел Мартенс од „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
„Идејата дојде од претседателот Туѓман. Постоеше конкретен план за отворање на јужен фронт против Србија“, рече Сурој. „Средбата ја закажал полковник Томе Бериша, поранешен офицер на ЈНА, кој тогаш бил во контакт со хрватските власти“.
На првиот ден од состанокот, повеќето од присутните беа наклонети кон војна.
Според Сурои, Хрватите понудиле помош со оружје, кое ќе стигнело до Косово преку Албанија. „Но, сите знаевме – тие немаа доволно ни за себе тогаш.“ Сепак, ветувањето беше таму. Проблемот беше што следуваше потоа.
Албанските лидери знаеја дека немаат инфраструктура ниту капацитет за војна. Тие немаа територијална одбрана како Словенците, ниту полиција што можеше да се милитаризира како во Хрватска. „Нашите регрути беа расфрлани низ цела Југославија. Беше јасно – тоа ќе биде самоубиствена мисија“, рече Сурои.
Иако често критикуван за неговата пасивност, Ругова ја отфрли воената опција. Таа одлука, тврди Сурои, не била добро прифатена во Загреб. „Туѓман никогаш не му прости на Ругова што не отишол во војна. Тој го мразел до крајот на својот живот.“
Сепак, односите меѓу косовските Албанци и Хрватска останаа блиски. Хрватите помагаа политички, логистички и лично – многумина, вели Сурои, беа пријатели на Адем Демаќи од затвор, многу Албанци добија хрватски пасоши. Хрватска дури и подготви план за масовно дезертерство на Албанците од ЈНА: Ругова ќе ги повикуваше регрутите преку радио да ја напуштат војската и да се пријават во хрватската полиција. „И тие всушност го прифатија тоа. Им дадоа документи, цивилна облека и ги однесоа на границата.“
Да беше донесена поинаква одлука тој ден, историјата ќе изгледаше многу поинаку – и веројатно потрагично.









