ЕЛЕМ Турс трупа загуби, а хотелите му се распаѓаат

0
828

Од извршениот теренски увид на постојните сместувачки капацитети на Хотел „Молика‘‘ – Битола, Хотел „Попова Шапка‘‘ – Тетово, Хотел „Славија‘‘ – Тетово, Одморалиште „Свети Стефан‘‘ – Охрид, Одморалиште „Маврово‘‘ – Маврови Анови и Автокамп „Ливадиште‘‘ – Струга, со исклучок на хотел „Молика‘‘ – Битола, констатирано е дека капацитетите се застарени и во најголем дел не ги обезбедуваат минимално технички услови за сместување.

– Сместувачкиот капацитет во Одморалиште „Свети Стефан‘‘ – Охрид не може да се користи поради исклучена електрична енергија, додека во тек е реновирање на сместувачките и угостителските капацитети во Авто камп „Ливадиште‘‘ – Струга. За поголема искористеност на постојните капацитети потребна е сеопфатна анализа на состојбите, инвестиции кои ќе ја зголемат нивната атрактивност, ќе го подобрат квалитетот на услугите и ќе овозможат постигнување на стандардите, препорачуваат ревизорите.

Како што информираат, во текот на октомври и ноември 2022 година врз основа на претходно одобрение и одлука од Надзорниот одобор на АД ЕСМ -Скопје, од страна на Управниот одбор на основачот, биле формирани две нови друштва: Друштво за туризам, угостителство, рекреација и спорт ЕСМ МОЛИКА ДООЕЛ- Битола – Друштво за туризам, угостителство, рекреација и спорт СКИ ЦЕНТАР ПОПОВА ШАПКА ДООЕЛ -Тетово.

Процесот на преструктуирањето на друштвото, укажуваат, е проследено со одредени слабости. Имено, недвижните ствари биле отстапени на новите друштва, но тоа не било случај и со движните ствари, чија сметководствена вредност изнесува 190.735 евра, а за кои не била обезбедена проценка за нивната вредност од страна на овластен проценител. Дополнително, различниот пристап при прераспределба на вработените од подружниците Попова Шапка и Молика во новоформираните друштва резултирал со покренување на судски постапки од страна на дел од вработените.

Со извршената ревизија констатирани се и други состојби кои се однесуваат на извршениот попис, исплати без поткрепувачка документација, несоодветно евидентирање и други неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива.

За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.