Вистинска драма се одвивала вчера попладне во Велес, каде 23-годишен насилник тепал малолетно девојче со метален предмет и ѝ се заканувал на мајката на девојчето, која дошла на местото. Кога пристигнале полицајците, насилникот во рацете имал два ножа, а и покрај четири предупредувачки истрели од пиштол, тој одбил да се предаде и им избегал, соопшти МВР.
На 13.06.2025 година околу 18.00 часот, во СВР Велес, Е.Х.(25) од Велес, пријави дека на улицата „Хаџи Косте“ во Велес, неговата малолетна ќерка била физички нападната од С.У.(23) од Велес, при што напаѓачот употребил и метален предмет, а откако неговата 27-годишна сопруга дошла на местото на настанот, тој и кон неа упатил закани. Од страна на полициски службеници С.У. бил затекнат како во рацете држи остри предмети, му била дадена наредба да ги фрли, но истиот се оглушил на наредба, им се заканувал на полициските службеници движејќи се кон нив со намера да ги нападне, по што бил испукан еден предупредувачки куршум во воздух и повторно му била дадена наредба да ги фрли предметите“, велат од полицијата.
По ова, напаѓачот повторно не ја послушал наредбата и тргнал со ножевите кон полицајците, кои пукале уште трипати со пиштолите во воздух, а тој избегал.









