Пет активни пожари низ државата – сè уште гори кај Желино, информира ЦУК

0
352

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до утрово во 08:00 часот на територијата на државата биле регистрирани вкупно 29 пожари на отворен простор, од кои пет се сè уште активни, два се под контрола, а 22 се изгаснати.

Меѓу активните пожари, најсериозен е оној кај село Желино, кон Еребино, на планината Жеден, каде што гори нискостеблеста шума, грмушки и ниска вегетација.

Активни се и пожарите кај село Нивичино во општина Василево, кај Грешница во Македонски Брод, како и повторно реактивираниот пожар меѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа во истиот регион. Исто така, сè уште гори и во општина Прилеп, помеѓу селата Царевиќ и Смолани, каде гори мешана шума и ниска вегетација.

ЦУК известува дека под контрола се ставени пожарите кај село Слатина, општина Македонски Брод, како и кај селата Џидимирци, Крушје и Иванковци во општина Велес.

Од вкупно 29 пожари, 22 се целосно изгаснати. Меѓу нив се и пожарите на повеќе локации во скопскиот регион, како и во Тетово, Гостивар, Куманово, Штип, Кочани, Свети Николе, Дојран и други општини.

ЦУК повторно апелира до граѓаните на одговорно однесување и зголемена внимателност за да се спречат нови пожари во услови на високи температури и сушен период.