Македонскиот јазик е признат од ЕУ, кажа ирскиот министер за европски прашања во Скопје

0
169

Цврсто веруваме дека кога договорот, кој беше направен пред три години, ќе биде имплементиран од ваша страна, со тоа ќе се отвори преговарачкиот процес, нема други изговори, порача Бирн.

Патот на Северна Македонија е навистина долг и мачен, но ние мора да го доведеме до позитивен исход, кажа ирскиот министер за европски прашања и одбрана, Томас Бирн, денеска во Скопје.

Ирска ќе биде претседавач со Европската Унија од втората половина на идната година, а Бирн уверува дека еден од нивните приоритети ќе биде проширување врз основа на заслуги.

Во одговор на новинарско прашање тој посочи дека не може да дава никакви гаранции околу евентуални идни блокади, но убеден е дека други изговори освен спроведување на францускиот предлог нема да има.

„Патот на Северна Македонија кон Европската Унија е мачен, тука бев пред 3 години, по Францускиот договор, и сметам дека тоа треба да се спроведе, така ќе се отвори преговарачкиот процес. Не можам да давам никакви гаранции во животот, освен тоа дека ќе работам секојдневно за да го олеснам вашето пристапување врз основа на заслуги во ЕУ, така ќе прават и сите други земји членки на ЕУ. Ние цврсто веруваме дека кога Договорот, кој беше направен пред три години, ќе биде имплементиран од ваша страна, со тоа ќе се отвори преговарачкиот процес, нема други изговори. Македонскиот јазик е признаен од ЕУ, ФРОНТЕКС-договорот е составен на македонски јазик, и Албанија ќе се приклучи кон ЕУ, така што албанскиот и македонскиот јазик ќе го имаат истиот статус како францускиот и германскиот“,

кажа Бирн.