На Дојранското Езеро повторно му се заканува еколошка катастрофа ако не проработи системот за полнење и нема врнежи

0
322

Според мерењата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), нивото на Дојранското Езеро скоро една година постојано е околу 80 сантиметри под договорениот минимум. Езерото полека се празни и ако пред неколку години нивото на водата беше до шеталиштето и кејот, сега е повлечено десетина и повеќе метри и им создава проблеми на туристите како да се искапат, но и на дојранчани како да ги уредат плажите.

Таквата состојба ги загрижува жителите на „Ѓољот“, како што го нарекуваат дојранчани Езерото, и не сакаат да помислат дека може да им се случи повторно еколошка катастрофа како таа од крајот на минатиот и почетокот на овој век кога повеќе години Дојран повеќе личеше на бара отколку на езеро.

Проблемот со празнењето на Езерото во 2002 година беше решен со пуштањето во употреба на Хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ со кој од бунарите во Ѓавато, богданско, се врши дотур на вода во Дојранското Езеро. Во последните три години системот не работеше, но во ноември лани првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и пратеникот во Собранието Миле Цеков повторно го пуштија во функција Хидросистемот од кој проработеа три од десетте пумпи. По еден месец, поради дефект и дотраеност на системот, престанаа да работат, а до пред десетина денови во Езерото дотекуваше вода само од една пумпа. И таа престана да тече, па каналот по кој се слива водата во Езерото е сув и запуштен и ниту капка вода не дотекува.

Ништо не е поскапо од „Ѓољот“

На местото каде отворениот канал ја носи водата во Езерото го затекнавме Филип Дончевски, поранешен прв директор на Хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“, кој на нашето прашање зошто нема вода во каналот најпрвин само кусо искоментира:

 

– Ништо не е поскапо од „Ѓољот“, ниту струјата, ниту цевководот, ниту запирањето и пуштањето во употреба на Хидросистемот. Дојран еднаш го спасивме, вторпат можеби ќе успееме, но трет ќе нема, категоричен е Дончевски.

Според него, голема грешка е направена кога е исклучена катодната заштита на цевководот, посебно на местата каде се направени заварувањата.

– Не требаше да ја исклучат и катодната заштита, бидејќи поради тоа почна да претекува и системот да не функционира во целост. Истото се случува и со пумпите на Ѓавато, како и на препумпните станици, каде најпрвин се пумпа водата од 60 до 120 метри, односно се испумпува од едно огромно подземно езеро. Водата е многу чиста и може веднаш да се пие, вели Дончевски.

Посочува дека може да се најде решение со струјата, односно вишокот дневна струја може да се насочува кон Хидросистемот и дури доволно е тој да работи само преку ден.