Основното јавно обвинителство Струга отвори истражна постапка против две лица осомничени за тежок инцидент што се случил на 2 август, при што едно лице завршило со тешки телесни повреди од убод со нож.
Според информациите од Обвинителството, првоосомничениот се товари за обид за убиство и за насилство, додека второосомничениот е обвинет дека му помогнал во извршувањето на делото.
Случајот, како што соопштија надлежните, се случил поради претходно нарушени односи меѓу осомничените и жртвата. Второосомничениот, управувајќи со БМВ Х6, намерно го попречил патот на автомобил марка „Фолксваген Голф 7“, во кој се наоѓале оштетениот и уште едно лице. Двајцата осомничени потоа излегле од возилото и започнале физички напад, удирајќи ги со тупаници.









