Охридски Комуналец” со негативен извештај од Државниот Завод за ревизија. Ревизорите утврдиле дека се точело гориво на неисправни и неевидентирани возила, а подолг временски период не била извршена верификација на мерилата кои служат за прием и издавање на дизел гориво од подземната цистерна.
Утврдени биле неправилности и во начинот на користење на службените и приватните возила и градежните машини, документирање и следење на прием, издавање и потрошувачката на гориво.Претпријатието е со блокирана сметка од 2006 година,постојано пријавува загуби а обврските се зголемуваат, дополнително се исплаќал аванс на плата врз основа на рачно напишано барање,со дискреционо право на директорот да одлучува -стои во извештајот.
„Од анализа на издатниците ревизијата утврдила дека се издадени приближно 27 000 литри дизел-гориво за неисправни возила и 10 000 литри за неевидентирани возила во материјална и сметководствена евиденција, без прилог на соодветна поткрепувачка документација.
Со континуираното преземање на нови обврски, кои претпријатието не е во можност редовно и хронолошки да ги плаќа, влијае врз зголемување на обврските по извршни решенија и камати, што придонесува за зголемување на финансиската нестабилност и неликвидност на претпријатието“.Финансирање на личните потреби на вработените односно давање кредит без камата не е предвидено во дејноста за која е формирано и регистрирано јавното претпријатие и е спротивно на надлежностите на директорот“ нотираат ревизорите.
Директорот на Охридски Комуналец Сашо Најдески за Тв 24 вели дека возилата на кои им било точено гориво се исправни во целост и дека од нејасни причини ревизорите не ја зеле документацијата која го потврдува истото.
„Возилата кои се наведени како неисправни во извештајот, во моментот на користење на горивото биле во целосно исправна техничка состојба, а истото може да се потврди од потврда за технички прегледи: Сообраќајни дозволи, Осигурителни полиси за истите, како и службени извештаи за користење на возилата во текот на 2023 година. Наведените возила биле активно користени за извршување на работните задачи на претпријатието, за што има соодветна документација (од за нас нејасни причини стручниот ревизорски тим не ги зеде во предвид овие докази).
Исто така, потрошено е гориво на неевидентирани возила во материјална и сметководствена евиденција, односно станува збор за потрошено гориво за возила кои од страна на општина Охрид се доделени во минатите години на користење на ЈП Охридски комуналец, што значи дека истите возила се дадени законски а обврска е на ЈП Охидски комуналец да ги користи, и за истите да обезбеди гориво.Во делот на исплаќање на аванс на плата Ве известуваме дека таква пракса постоела во минатото меѓутоа истата веќе е прекината и не се врши исплата на аванс на плата.”- вели Најдески.
Инаку Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ скоро две децении работи со блокирана сметка и основната дејност ја извршува со минимум парични средства.








