Се ситни Европскиот фронт на Али Ахмети пред локалните избори

0
223

Турската демократска партија одлучила самостојно да настапи на претстојните избори, со свои советнички листи и кандидат за градоначалници. Претседателот на Турската демократска партија, Зулфиќар Зејнула, претходно во интервју откри дека соработката со „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ завршила, изразувајќи загриженост од сè поостриот политички речник кој го користат двата најголеми етнички блока во земјава, нагласувајќи дека ТДП отсега ќе ги штити приоритетно интересите на турската заедница.

Денеска, тој не беше достапен за коментар за ваквата одлука. Но, потврда за заминувањето на ТДП добивме од потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми. Според него нема зовриени страсти во коалицијата, туку станува збор за партиска одлука за самостоен настап на локалните што тие ќе ја почитуваат.

-Сме известени дека сакаат да продолжат со нивната пракса да настапуваат самостојно на локални избори и ние ја почитувани нивната одлука. И порано така било, и ако биле во коалиција со некоја друга партија на локални избори самостојно настапувале.Тоа значи дека тие не се дел од Европскиот фронт и оваа широка коалиција на овие локални избори. Но тоа не значи дека ние немаме комуникација и контакти со турската заедница и турските политички претставници, изјави Адеми.

По ваквата одлука останува да се види како ќе делува пратеникот на ТДП, Бејџан Илијаз, кој сè уште делува како дел од пратеничката група на Европски фронт. Лани „Фронтот“ предводен од ДУИ го напушти и ДПА на Мендух Тачи.

Во меѓувреме, собранискиот спикер Африм Гаши се очекува да ги распише локалните избори до крајот на неделава, на 8-ми или 9-ти август, потврдија од Собранието.

Партиите се во финална фаза со изборот на кандидатите и советничките листи. Повеќето од кандидатите на владејачките партии и опозицијата се веќе познати. Останува да се види каков ќе биде договорот меѓу ВМРО-ДПМНЕ И ЗНАМ за општина Центар, како и со кој кандидат ВМРО-ДПМНЕ ќе излезат за Кичево, кој ќе треба да му се спротивстави на актуелниот градоначалник од ДУИ Фатмир Дехари кого интегративците вчера го избраа да бори за нов мандат