Драматичен претрес се одвивал минатата вечер во семејната куќа на директорката на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска. Инспектори од МВР со судска наредба ја претресувале нејзината куќа додека таа лежела во кревет со висок крвен притисок и користела права од работен однос – и одмор и боледување. Откако завршиле со претресот, полициските службеници како што е видео-документирано на видео материјал од настанот, барале Лозановска да дојде во станица на носилки и со возило на итната помош на информативен разговор иако ОЈО Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лицето во конкретниот случај. „Слободен печат“ се обрати во Обвинителството со прашање за кое кривично дело е издадена наредбата за претрес и кои предмети од кривично дело се барале со претресот.
Поради сомненија за кривично дело „фалсификување и уништување деловни книги“ МВР ОВР Демир Хисар од ОЈО Битола побара издавање наредба за претреси на 3 локации, службени простории на училиштето, дом и автомобил на пријавеното лице. ОЈО Битола побара од Основниот суд Битола да се издаде наредбата со цел обезбедување предмети од кривично дело. Судот ја ценеше основаноста и го прифати барањето за претрес, по што ОВР Демир Хисар вчера извршило претрес на трите локации а за претресите и евентуално одземените предмети уште нема доставено официјално писмено известување до Обвинителството. Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е целосно испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. ОЈО Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај, велат од Обвинителството за „Слободен печат“









