Граѓани реагираат: Внимавајте со апликацијата на ЈСП, може да останете и без пари и без билети

0
467

Многумина граѓани што редовно користат автобуски превоз плаќаат билет преку апликацијата „Скопје бас“, која ЈСП „Скопје“ ја промовираше пред нецела година. За некои овој начин на плаќање е наједноставен – откако онлајн ќе се купи билет за 10 возења, потоа само телефонот се доближува под валидаторот, кој го регистрира плаќањет, пишува Слободен печат.

Всушност, со апликацијата требаше да се постигне токму тоа, да не се бараат билетарници за надополнување картичка, да не се грижат патниците како ќе обезбедат билет во недела или на празник кога билетарниците и другите продавници што ја вршат таа услуга не работат. Едноставно, во секое време секој да може онлајн да си набави билет.

Но, тоа би било така, доколку апликацијата редовно функционира како што треба. За жал, некои граѓани се соочуваат со проблеми, а притоа, како што велат, не знаат каде да се обратат за да им се реши проблемот. Се жалат дека откако ќе платат, билетите воопшто ги нема на апликацијата или дека кодот не им се очитува на валидаторот.

Надополнив преку апликација билет за десет возења и потоа како што е редот, требаше да ми стигне код, кој треба да се внесе за да може да се плаќа потоа во автобус. Кодот ми стигна по два дена, но џабе, повторно не можам да ги користам билетите затоа што штом го доближам телефонот до валидаторот, ми покажува дека кодот е невалиден. Парите ми ги земаа, билетите не можам да ги користам, а немам кај да се пожалам. Испратив имејл за да реагирам, затоа што на телефон никој не крева, но залудно, одговор немам – вели жителка на Ченто за „Слободен печат“.