Трамп и Путин се сретнаа во Алјаска, средбата заврши без договор

0
135

Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин вчера се сретнаа во американска воена база во Алјаска, двајцата лидери разговараа околу три часа, во присуство на нивните највисоки советници за надворешна политика со цел да се најде решение за војната во Украина.

Средбата, најавена како самит, заврши многу порано од планираното, по првиот круг разговори. Наместо заедничка прес-конференција, новинарите беа повикани на куси изјави кои траеја само 12 минути. Путин тврдел дека постигнале некаков договор, додека Трамп изјави дека „нема договор“ и веднаш ја прекина средбата без да дозволи прашања, пишува Гардијан.

Белата куќа соопшти дека Трамп веднаш по состанокот имал „долг“ телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со лидерите на НАТО.

Состанокот предизвика бројни критики од Демократската партија во САД, европски претставници, украински медиуми, амбасадорот на Украина во Австралија, како и од поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон, кој изјави дека „Путин јасно победи“.

Реакции предизвика и тоа што Трамп дозволи Путин да зборува прв на јавниот настан. Во интервју за својот поддржувач Шон Ханити, Трамп ја оцени средбата како „десетка“, нагласувајќи дека Путин „многу искрено“ зборувал за завршување на војната. Трамп тврди дека Путин му рекол оти претседателските избори во САД во 2020 година биле „наместени“ и дека „не може да има фер избори со гласање по пошта“.

Трамп на Путин му предал и писмо од сопругата Меланија, кое, според Белата куќа, се однесувало на судбината на децата киднапирани во Украина, ситуација за која против Путин е издадена потерница од Меѓународниот кривичен суд.

Во меѓувреме, руската армија изминатата ноќ ја нападна Украина со 85 беспилотни летала и една балистичка ракета, соопшти украинското воздухопловство.