ДУИ со блокада и во ДИК – бараат како жители да се бројат и иселениците

0
395

Членката на ДИК Дитмире Шеху, која дојде на предлог од ДУИ, го минира донесувањето на Упатството за пополнување образец за листи на кандидати за членови на советите на општините и на Советот на Град Скопје. Државната изборна комисија го одложи донесувањето на упатството за најмалку неколку дена додека правната служба во комисијата не даде мислење.

Шеху, исто како и ДУИ, не се согласува со владината одлука од септември минатата година за намалување на бројот на советници во 14 општини. Со оглед на тоа што пописот покажа дека има намалување на бројот на жители, Владата, согласно Законот за локална самоуправа, донесе одлука за намалување и на бројот на советници во тие општини.

Шеху смета дека не треба да се бројат само жителите, туку и иселениците, односно и нерезидентното население и побара ДИК да одреди поинаков број на советници од одлуката на Владата.

Самиот закон вели дека самиот закон го регулира бројот на членови и дека треба да се почитува. Во самиот закон нигде не ги дели граѓаните на резиденти и нерезиденти, сигурно на тоа се мисли во Одлуката на владата, бидејќи ја разгледав и одлуката на Владата. Нигде во самата одлука не стои дека граѓаните се делени на резиденти и нерезиденти, а бројот на членови на Совет се однесува, сигурно, моја претпоставка е, бидејќи во самата одлука нигде не пишува дека се резиденти или нерезиденти, само бројот на членови е намален по тој основ“, изјави Шеху.

Со 2 гласа „за“ и пет „против“, ДИК не го прифати тој предлог.

„ДИК нема законска надлежност да цени и да преиспитува одлуки на други институции. Исто и минатите локални избори во 2021 година се спроведени со ваква одлука на Владата донесена во 2004 година, каде што владата го определила бројот на советници во општините, така што без разлика каква е одлуката, не влегувам дали е исправна или неисправна, таа е во моментов во правна сила. Други институции треба да ја ценат законитоста, ние не смееме тоа да го правиме“, изјави претседателот на ДИК Борис Кондарко.

Откако ДИК, не го прифати нејзиниот предлог, Шеху се повика на член од изборниот законик кој предвидува одлуките кои се однесуваат на интересите на немнозинска заедница да се носат со консензус. Со оглед на тоа што немаше консензус, точката беше испратена во правната служба на ДИК за да даде мислење.

„Откако ќе заврши таа процедура, ќе продолжиме со оваа точка на дневниот ред на седницата“, рече Кондарко.

Според законот, ако и по мислењето на правната служба не се постигне консензус, се смета дека одлуката не е донесена, а Законот дозволува тужба пред Управниот суд и можност за жалба пред Вишиот управен суд.

Согласно резултатите од пописот од 2021 година, и согласно Законот за локална самоуправа, Владата во септември минатата година донесе одлука за зголемување на бројот на општински советници во Кисела Вода, Карпош и во Студеничани, и намалување на бројот на советници во 14 општини – Гостивар, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Пехчево, Струга, Врапчиште, Дебарца, Желино, Јегуновце, Ново Село, Теарце и Центар Жупа. Најголемо намалување, од 31 на 23 советници има во Гостивар. Според пописот од 2002, Гостивар имаше над 80 илјади жители, но во 2021 падна на под 60 илјади жители.

Иако има намалување и во општини со мнозинско македонско население, ДУИ смета дека ваквата одлука е на штета на Албанците и бара како жители да се бројат и иселениците, односно нерезидентното население. Токму од тие причини ги блокираше и измените на изборниот законик.