Тука кој не полуди не е нормален: Штекли во минатиот живот бил желка, вештакот на обвинителството тврди може да го следи судењето

0
178

Обвинетиот за трговија со дрога Раде Трајковски Штекли може да го следи судскиот процес и да учествува во истиот и да дава своја одбрана, сведочеше денеска еден од вештаците на обвинителството. Трајковски кој е обвинет за трговија со дрога, според вештакот, не е психотичен, ниту бил психотичен за време на престој во затворот во Скопје.

Трајковски имал паранормални искуства, бидејќи на вештакот му кажал дека во минатиот живот бил желка и дека сега е реинкарниран во човек и затоа не јаде месо. Воедно Трајковски во затворот бил прегледан и од друг психијатар во јуни, кој исто така не нотирал психоза.

Ова е спротивно на вештачењето на одбраната, односно на психијатарот Ѓорѓија Хаџи Ангелковски, кој го оцени Трајковски како психотичен, со шизофрени карактеристики. Според проценката, Трајковски покажува верување во реинкарнација и има имагинарен учител, кој му кажува како да постапува, што според одбраната го прави неспособен да ја следи судската постапка.

Судијата Илија Трпков најави дека ќе ги соочи вештите лица од двете страни пред да донесе одлука дали ќе се прифати едно од вештачењата или ќе се нареди ново. Судењето продолжува во октомври со сведочењето и на другиот вештак на обвинителството.

Четворица обвинети од групата на Трајковски признаа вина. Претходно и седумина од групата која се бавела со трговија на марихуана и кокаин се спогодија со обвинителството и добија казни од 3 до 5 години затвор. На обвинителна клупа заедно со Трајковски останаа уште само 6 лица. Трајковски е во притвор од јануари кога беше уапсен при обид за бегство во близина на хотел во околината на Гевгелија.