Од компанијата за собирање и транспортирање на отпад Саубермахер реагираат на како што велат невистините објавени во јавноста во врска склучување на договори на компанијата со правни лица.
Целта на дезинформациите е да се нанесе штета на компанијата која успешно работи во својата дејност.
Подолу во целост е сопштението на „Саубермахер.
Од страна на Друштво за производство и комунални услуги САУБЕРМАХЕР ТЕТОВО ДОО, на ден 05.09.2025 година, преку електронска пошта беше испратено барање до сите правни лица со седиште на територија на Општина Тетово, со цел да се пристапи кон склучување на договор за користење на комунални услуги – односно собирање и транспортирање на отпад. Истото претставува законска обврска, како за корисникот, така и за давателот на услугите.
Дополнително, беа цитирани и одредбите кои предвидуваат глоби во случај на непочитување на обврската, при што е појаснето дека казна (глоба) може да биде изречена исклучиво од страна на овластен инспекциски орган.
Со жалење констатираме дека по испраќањето на ова барање, во јавноста се појавија неточни информации, и тенденциозни интерпретации на содржината на барањето, со кои се нарушува честа, угледот и добриот глас на САУБЕРМАХЕР ТЕТОВО ДОО, како овластен давател на јавна комунална услуга на подрачјето на Општина Тетово.
Се шират неточни тврдења дека:
• Компанијата врши т.н. „рекетирање“ на деловните субјекти и граѓаните,
• Им се заканува на правните лица со изрекување на казни,
• Принудно бара склучување договор.
Овие изјави се во целост невистинити, и се со јасна намера да се наруши довербата на јавноста во нашето работење. Ваквите наводи се особено загрижувачки, бидејќи не само што ја дезинформираат јавноста, туку дополнително го поткопуваат угледот на компанијата која професионално ја извршува својата законска и договорна обврска на терен. Цврсто веруваме дека ваквите дезинформации произлегуваат од субјекти кои и понатаму не сакаат да ги исполнат своите обврски за почиста животна средина.
Сакаме да појасниме дека согласно член 6 од Законот за управување со отпадот, обврската за склучување на договор се однесува на сите правни лица кои создаваат комерцијален отпад, односно отпад кој:
• Произлегува од деловна активност, и
• Е сличен по состав со отпадот од домаќинствата (хартија, амбалажа, пластика, храна итн.).
Примери на комерцијален отпад:
• Канцелариски отпад (хартија, шишиња, пакувања)
• Отпад од трговија и угостителство (стакло, храна, картон)
• Отпад од козметички, фризерски и слични услуги
• Отпад од пазари, хотели, мали сервиси
• Некои типови на отпад од здравствени установи (ако не се класифицирани како опасни)
Саубермахер Тетово ДОО останува транспарентен и професионален партнер на заедницата. Нашата единствена цел е да обезбедиме:
• Законито и уредно управување со отпадот,
• Заштита на животната средина,
• Јасни и формални односи со сите корисници на услугата.
Ги повикуваме сите правни субјекти да постапуваат согласно законските обврски. САУБЕРМАХЕР како кориснички ориентирана компанија, која ја добила довербата од општина Тетово за јавно приватно партнерство за управување со комуналниот отпад, има обврска да ја обавува својата дејност согласно законските обврски, и во исто време да се грижи за заштита на животната средина, со доследна примена на најдобрите стандарди за успешно корпоративно управување. Веруваме дека секој поединец и фирма на територијата на општина Тетово, кој е добронамерен, ќе се придружи кон остварување на целите за почиста животна средина.
Ви благодариме на соработката и разбирањето!









