ПОВЕЌЕ ПРИЈАВИ, НИКАКВА ЗАШТИТА ЗА РОСИЦА Илија ги убил поранешната девојка и нејзиниот татко,

0
289

Основното јавно обвинителство Велес денес потврди дека против Илија Стефановски, осомничен за убиството на Росица Коцева (31) и нејзиниот татко Киро Коцев (68), уште од почетокот на годината биле поведени повеќе постапки за закани и насилство.

Од обвинителството информираат дека на 10 април 2025 година против Стефановски бил поднесен обвинителен предлог за два настани:

– загрозување на сигурноста на 20 февруари 2025,

– насилство со нанесување полесна телесна повреда во ноќта меѓу 3 и 4 март 2025.

– Во рамките на оваа постапка беше извршено психијатриско вештачење кое покажа дека осомничениот е пресметлив и способен да ги разбере своите постапки – велат од ОЈО Велес.

На 10 септември годинава, Основниот суд Велес го прогласил Стефановски за виновен, но му изрекол само условна казна. Истовремено, укинати му биле сите мерки на претпазливост, освен забраната за приближување кон оштетената и нејзиниот партнер.

Пријави за непочитување на судски одлуки
И покрај судските мерки, Росица Коцева на 21 мај 2025 година повторно го пријавила Стефановски. Според неа, тој не ги почитувал изречените забрани, продолжил да ѝ праќа пораки, се приближил до нејзиниот дом и го запалил автомобилот на нејзиниот татко.

– По оваа пријава издадовме наредби за прибавување телефонски податоци и видео надзор. МВР постапуваше по нашите барања – наведуваат од Обвинителството.