Сиљановска – Давкова: Нашиот пат кон Брисел наликува на маратон

0
171

Нашиот пат кон Брисел наликува на маратон, маратон за кој понекогош мислам дека може да се прашаме „дали го чекаме Годо“. Ние го започнавме нашиот маратон во 2005 година кога ни беше даден кандидатскиот статус. Денес често се користи синтагмата дека Европа е незавршена симфонија без Западниот Балкан, а интересот за регионот порасна пред три години кога, за жал, почна војната во Украина, рече претседателката Гордана Сиљановска – Давкова пред студентите на Универзитетот Колумбија во Њујорк каде што одржа предавање во рамки на Светскиот лидерски форум.

Како што јави известувачот на МИА, таа пред академската заедница го елаборирше исходот од бесконечното одложување на ветувањето за европска интеграција на земјите од Балканот.

– Ние луѓето од Балканот секогаш сме се сметале за Европјани, бидејќи секогаш сме биле географски, историски и особено културно дел од Европа. Сега процесот на проширување е повторно на агендата на ЕУ, но не заради поголема Унија туку поради стабилноста, безбедностa. И ова е добра шанса за нас да бидеме на агендата по не знам кој пат, и да го зграпчиме моментумот. Но, во изминатите 30 години ние се обидовме да го зграпчиме моментумот многу пати, а резултатот е 36 амандмани на нашиот Устав, истакна Сиљановска – Давкова.