Путин: Подготвен сум да поддржам мировен модел на Трамп за Блискиот Исток

0
166

Рускиот претседател Владимир Путин вчера ја изрази својата поддршка за мировната иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток.

Клучен елемент за постигнување мир во регионот останува дво-државното решение меѓу Израел и Палестина, истакна Путин во Сочи, на собир на политичкиот клуб Валдај. Сепак, тој рече дека е подготвен да му даде можност на моделот предложен од Трамп.

„Поранешниот британски премиер Тони Блер, кој беше назначен за член на привременото меѓународно тело за мониторинг за Газа, можеби не е познат како ангел чувар на мирот, но е искусен политичар“, оцени рускиот претседател. Тој додаде дека е важно и Израел, Палестинската самоуправа и милитантната организација Хамас да се согласат со решението.

Трамп предложи прекин на огнот во Појасот Газа, како дел од мировниот план од 20 точки, што го презентираше во Вашингтон пред пет дена. Планот предвидува целосно разоружување на Хамас и итно ослободување на сите преостанати израелски заложници, кои се држат од страна на Хамас, во замена за стотици палестински затвореници, како и повлекување на израелската војска од Појасот Газа.

„Хамас нема да има никаква улога во управувањето со крајбрежниот појас, а на Израел му е забрането и да анектира територија. Наместо тоа, Појасот Газа ќе биде управуван од преодна влада на палестински технократи под надзор на идна меѓународна стабилизациска сила“.

Германија, Франција и Велика Британија, заедно со министрите за надворешни работи од неколку арапски земји, вклучувајќи ги Катар, Египет, Јордан, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, исто така дадоа поддршка за планот.