Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, го поздрави договорот за прекин на огнот меѓу Израел и палестинското движење Хамас, пренесува „Анадолу“.
„Исклучително сум задоволен што преговорите меѓу Хамас и Израел, одржани во египетскиот град Шарм ел Шеик со придонес на Турција, завршија со прекин на огнот во Газа“, напиша Ердоган на турската социјална платформа NSosyal.
„Искрено му се заблагодарувам на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој покажа потребна политичка волја да ја охрабри израелската влада да го прифати прекинот на огнот, и на нашите братски земји Катар и Египет за нивната значајна поддршка во постигнувањето на договорот“, додаде турскиот претседател.
Ердоган нагласи дека Анкара внимателно ќе го следи спроведувањето на договорениот прекин на огнот и ќе продолжи да придонесува во процесот.









