Родителите на загинатите во „Пулс“ по веста за закажаното судење: Блокадите ќе бидат прекинати, саботните маршеви продолжуваат

0
228

Откако беше објавено дека на 19. ноември почнува судењето за случајот со пожарот во „Пулс“ се огласија родителите на трагично загинатите во пожарот.

-Ние, родителите и семејствата на починатите деца, соопштуваме дека со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество.

Родителите додаваат дека очекуваат фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе.

– Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија. Бараме јавноста, медиумите и институциите да го следат овој процес со должно внимание, бидејќи ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста. Воедно, Ве известуваме дека, бидејќи добивме датуми за рочишта, секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но со Маршевите продолжуваме секоја сабота – како симбол на нашата упорност и борба за вистината, стои во соопштението.