Лимани од ВРЕДИ повика да се гласа за најдобриот кандидатот во Кичево

0
522

Порака за сите – да се гласа најдобриот, ако се уште сте убедени дека вашиот кандидат е најдобар помеѓу вашите редови.

Вака Фатмир Лимани од ВРЕДИ, кој испадна од трката за градоначлник на Кичево, за Канал 5 ја објаснува објавата на социјалните мрежи што во јавноста беше протолкувана како поинаков став од тој Биљал Касами за гласање по етнички клуч во вториот круг.

Изјава не сакаше да даде, а претходно во објавата порача дека Кичево никогаш нема да се развива со тоа што ќе се тврди дека му припаѓа само на едниот или на другиот етникум.

-Кичево не се создава ако се бара под сенката или знамето на албанизмот да се дегенерира до незамисливи нивоа, да се изгубат моралните вредности што потоа се продаваат како национални вредности. Кичево не се создава со кандидати што се расправаат и жртвуваат во име на јазикот, знамето, историјата, хероите со кои немаат никаква генетска врска, ниту пак ги карактеризира нивната храброст. Кичево не се создава со пароли дека треба да остане „наше“ или дека повторно ќе биде „наше“, затоа што тоа „наше“ (нашите деца и внуци) секојдневно си заминува во странство., напиша Лимани.

Премиерот Мицкоски во празничниот говор вчера му одговори на Касами дека секоја акција има реакција откако тој во ТВ дебата пред неколку дена отворено изјави дека ВРЕДИ во Кичево ќе го поддржаат кандидатот на ДУИ наместо кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јованоски, а поддршка за албанските кандидати ќе дадат и во другите места кадешто Албанци и Македонци влегоа во вториот круг. Вечерта на митинг во Аеродром порача дека ВМРО-ДПМНЕ се жртвувале со поддршката на кандидатите на Вреди, а за возврат не добиле ниту почит.

– Понекогаш, додека ги реализиравме овие стратешки цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно, многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо затоа што имаме цел, ние бараме почит за жртвата којашто сме ја дале за друг, не ја добивме и тоа нема да го заборавиме, изјави Мицкоски.

По пораките од Мицкоски денеска со соопштение се огласија од ВРЕДИ од каде велат дека политиките на ДУИ се поразени, а луѓето од Кичево според нив мора сами да ја донесат пресудата за Дехари.

-По објавувањето на компромитирачките материјали, коалицијата ВРЕДИ побара повлекување на кандидатот на НАИ од трката за да се заштити достоинството на процесот. Но, тој одлучи да продолжи, ставајќи го Кичево во нефер позиција и докажувајќи дека за оваа политичка каста, власта е последниот политички кислород. За коалицијата ВРЕДИ јавниот морал не е предмет на преговори. Затоа, сега луѓето од Кичево мора сами да ја донесат пресудата. – стои меѓудруго во соопштението од Вреди.

Од друга страна, коалицијата веќе даде јавна поддршка на кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, и кандидатите на ЗНАМ во Куманово и Центар – Максим ДИмитриевски и Мирослав Лабудовиќ.