Мицкоски: Очекуваме во вториот круг бројката на гласови за Орце Ѓорѓиевски да биде околу 125-130 илјади

0
201

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати од денешниот настан одржан во Валандово, во рамки на вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат на 2 ноември 2025 година. Мицкоски се осврна на темата за локалните избори, од кои првиот круг беше одржан на 19 октомври годинава, а ВМРО-ДПМНЕ имаше победа во 33 општини. Според него, ова е историски резултат во независна Македонија, а дополни и дека кандидатот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје е во водство 3:1 во однос на неговиот противкандидат.

dobivaj vesti na viber
,,Ние цела кампања, од првиот ден до последниот, па и до ден денешен, ниту во еден момент не објавивме негативен спот за нашите политички противници, ниту во еден момент не водевме црна кампања, ниту во еден момент не ги нападнавме ад хоминем, ниту со ниски страсти“, вели Мицкоски.

Мицкоски зборуваше за опозицијата, која според него, од првиот ден на изборната кампања водат црна кампања, а тоа се пресликува и за време на вториот круг од изборите.

,,Тие од првиот ден, до последниот ден, па и денеска, водат црна кампања. Мене ме спакуваа во парчиња во куфер, па потоа ми велеа дека ме презираат и што ли не им се случи. И резултатот од сето тоа го видоа граѓаните на 19 октомври, само 3 општини. Ние сме демохристијанска партија, ние со добро треба да ги совладаме нашите политички противници, само така ќе покажеме дека можеме поинаку, и дека сме поразлични од другите“, рече Мицкоски.

Како што кажа Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ на 19 октомври освои 33 општини, а изминативе два дена, двајца од противкандидатите на кандидатите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се откажале, и според него веќе може да се зборува за 35 градоначалници, што е историски резултат.

,,Тоа што е зад нас, еден факт кој што е немилосрден. Тоа се бројки. После првиот круг, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ освоија 33 градоначалници. Изминативе 2 дена, два противкандидати на нашите кандидати за градоначалници е откажаа, така што веќе можеме да зборуваме за 35 градоначалници“, истакна Мицкоски и додаде:

,,ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата водат, имаат веќе освоено градоначалник или се во круг како второпласирани, но тоа се во 6 општини каде што е многу мала, но и значителна разлика во вкупно 59 општини. До сега ваков историски резултат во независна Македонија не се случил“.