Неколку дена пред празнувањето на Св. Петка, параклисот посветен на оваа светителка при Македонската православна црква „Св. ап. Петар и Павле“ во Краун Поинт, Индијана (САД), е сериозно оштетен во пожар, пренесе Литургија.мк.
Иако пламенот речиси го уништил целиот објект, сепак иконата на света Параскева – Петка останала недопрена, пишува порталот.
Пожарот избувнал околу 2:24 часот по полноќ. Полицијата и противпожарната служба на Краун Поинт веднаш реагирале на пријавата и по пристигнувањето, полициските единици делумно го изгаснале огнот. Пожарникарите потоа целосно го ставиле под контрола пожарот, според соопштението на градот Краун Поинт.
Малиот параклис, кој е одвоен од главниот храм, претрпел голема материјална штета. Причините и потеклото на пожарот сè уште се предмет на истрага.
Од храмот „Св. ап. Петар и Павле“ изјавија:
„Нашиот сакан параклис ‘Св. Петка’ беше запален минатата недела со подметнат пожар кој многу ја оштети малата црквичка. Пламенот го изгоре светото место. Но, и покрај чадот и уништувањето, благодатта беше присутна. Внатрешноста е сериозно оштетена, изгореници и пепел го покриваат она што некогаш беше свето место. Но, посреде пепелта се покажа милоста. И покрај огнот, ни го покажува нејзиното сострадание и милост. По Божјата благодат, нејзиниот лик сè уште сјае, неизгорен, неоштетен. Света Петка, моли го Бога за нас“.









