ОЈО не бара притвор за возачот кој избега откако смртно го прегази Јорго Ќука на пешачки премин

0
320

На возачот кој вчера со голема брзина удри во велосипедист и го усмрти на пешачки премин пред мостот „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје, а потоа го остави автомобилот и избега, Обвинителството не побарало притвор, туку само да му се одземат возачката дозвола и двата пасоша кои ги поседува, македонски и српски, соопшти денеска ОЈО.

Загинатиот 78-годишен велосипедист подоцна беше идентификуван како Јорго Ќука, поранешниот генерален директор на хемиската фабрика ОХИС.

Избеганиот возач вчера попладнето беше уапсен. Тој, велат од ОЈО, е осомничен за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

„На 3 ноември, управувајќи автомобил „Фолксваген Пасат“ по булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје, тој не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал со неприлагодена брзина која не му овозможувала да запре навремено во случај на потреба или пречка. Пристигнувајќи на пешачки премин на крстосницата со улицата „Лазар Личеноски“ осомничениот 37-годишник со предниот дел на возилото удрил во велосипед, управуван од сега починатиот Јорго Ќука, кој се движел по обележаниот пешачки премин. Од ударот оштетениот се здобил со тешки телесни повреди и починал“, пишува во соопштението од ОЈО.

„Надлежниот јавен обвинител одлучи да достави до Судот предлог за определување мерки на претпазливост – одземање на македонска и српска патна исправа од осомничениот кој има двојно државјанство, одземање на возачка дозвола, забрана за напуштање на живеалиште и обврска да се јавува повремено кај надлежен државен орган“, додаваат од ОЈО.