НОВА ЗГРАДА ВО ТЕТОВО ЌЕ БЛОКИРА ПРИСТАП НА 80 СЕМЕЈСТВА

0
760

Општина Тетово одобрила измена на Детален урбанистички план со кој е овозможено да се изгради нов објект, кој ќе се залепи до зграда во Блок 70 и на тој начин ќе го затворат директниот пат за стигнување со возило, аларамираат станарите од зградите на „Браќа Миладинови“ од влезовите 213,215 и 217.

Со оглед дека станува збор за 80-тина станови, околу 200 лица ќе имаат отежнат пристап и воедно ќе им се затворат прозорциите од таа страна која „гледа“ кон кружниот тек на улиците „Браќа Миладинови“ и булевар „Видое Смилевски-Бато“.

„Ова ни е пат кој го користиме за влез од страна на улицата„Браќа Миладинови“.Од овдека ние сме влегувале со возила нормално од 1983 година од кога постојат овие згради. Тука поминувале амбулантна кола, било да е пожарната, камион со дрва, мртовечка кола, како сакате речете можело да пријде до зградата. Сега не може тоа да биде заради тоа што овие што ја прават оваа зграда, тие сакаат да прилепат нов објект до нашата зграда и да биде лепенка, објаснува Благоја Мирчевски, во име на сите станари.

Луѓето од овие згради велат дека кога била правена измена на деталниот урбанистички план тоа не е направено на транспарентен начин.

„Не знаеме дека имало повик за јавна расправа за измената на Деталниот урбанистички план. Сметаме дека тоа е направено без јавноста да дознае, во интерес на приватен инвеститор. Со стариот план имавме пат, се гледа дека е трасиран, го имаме планот тој. Во новиот ДУП пречкртан е патот и тоа ќе создаде многу проблеми“, велат станарите.

Тие се обратиле и до општината, но не добиле одговор.

Општина Тетово не негира дека на спорната локација ќе се гради објект и дека ќе се спои со старата зграда. Тие не даваат одговор зошто дозволиле овој пат да биде затворен и тврдат дека ќе има можност за пристигнување со возило од друга страна со движење низ Блок 70.

„Површината на градежниот опфат на делот ДУП 74 е помеѓу улица булевар “Видео Смилевски Бато”, улица “Браќа Миладинови”, улица “Благоја Тоска” и улица “180” каде целиот овој дел од блокот има три пристапни улици од улица “180” и внатре во блокот има предвидено сообраќајни улици, инфраструктура, паркинг места, подземени гаражи со засолниште и зеленило“, стои во одговор на Општина Тетово на новинарското прашање.

За можноста за пристапување од друга страна станарите посочуваат дека е несоодветено решение бидејќи е пат за кој треба да поминат низ повеќе други парцели во тој урбан блок.