„Руските сили удираат врз станбени згради. Има голем број оштетени повеќекантици, практично во секој округ (на Киев)“, напиша началникот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко, на апликацијата за пораки Телеграм.
Руските сили ноќеска и рано утрово извршија нов масовен напад во главниот град на Украина, Киев, што предизвикаа повеќе пожари, а остатоци од урнати објекти се расфрлани низ неколку области во градот, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко, пренесоа светските агенции.
Според него, најмалку 11 лица се повредени во повеќекратните напади, додека бројни екипи од единиците за итни случаи се испратени на погодените места за справување со последиците.
Извештатите на агенциите Ројтерс и Асошиејтед прес (АП) наведуваат дека во украинската престолнина одекнале низа силни експлозии, а била активирана и противвоздушната одбрана. Според инфромациите, пет лица се хоспитализирани, од кои еден маж и една бремена жена се наоѓаат во критична состојба.
Официјалните лица издале предупредување дека во тек е напад на главниот град, повикувајќи ги жителите да останат во засолништата додека не се укине тревогата за воздушен напад, а градските власти известиле дека се можни прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Фотографии и снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат згради во пламен на повеќе локации и жители како се собираат на улиците на кои можат да се забележат урнатини пред станбените згради, пренесува „Гардијан“.









