Синоќа околи 23 часот голем пожар избувна во висококатницата на „Вјесник“ на „Славонска авенија“ во Загреб, еден од симболите на главниот град на Хрватска. Поради вертикалното ширење, огнот го зафати покривот на зградата и неколку ката, поради што се ангажирани голем број пожарникари и опрема за справување со огнената стихија, пренесува ХРТ.
Причината за пожарот, кој е сè уште активен, засега е непозната.
Според хрватските медиуми, нема информации за настрадани лица, а пред зградата утрово пристигна и градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, кој изјави дека и покрај напорите на противпожарната служба, огнот постојано се разгорува на различни катови.
„Се гаси одвнатре и однадвор. Причината (за избувнувањето на пожарот) е непозната. Постојат некои сомневања, но истрагата на самото место ќе го утврди тоа. За жал, штетата е голема. Мнозински сопственик на зградата е државата, градежните инженери ќе треба да утврдат дали објектот е за рушење или ќе се обнови“,
рече Томашевиќ.
Засега, како што додава тој, нема опасност од уривање, а најважно во целата ситуација е што нема жртви.
„Безбедноста на пожарникарите е од најголема важност“,
вели градоначалникот.
Како што пренесува хрватскиот национален радиодифузер, пожарот е сè уште активен и се шири низ отворите на конструкцијата, а поради зголема опасност, пожарникарите се повлечени од внатрешноста на зградата.
Сите противпожарни станици во градот се испразнети и се поплнуваат со резервни сили, дознаваат хрватските медиуми од Јавната противпожарна служба на Загреб.
Вицепремиерот и министер за просторно планирање, градежништво и државен имот, Бранко Бачиќ, исто така, беше на улицата „Савска“ во времето на избувнувањето на пожарот, јавува Нова ТВ. Тој не соопштил повеќе информации од она што веќе е познато, наведувајќи дела сè уште не е познато што го предизвикало пожарот.









