Двајца во критична состојба откако гризли мечка нападна училишна група во Канада

0
254

Британска Колумбија – Две лица се во критична состојба, а две други се сериозно повредени откако гризли мечка нападна ученици и персонал во училиште во Вајт Тауер, Британска Колумбија, соопштија денес официјални лица.

Службата за итни случаи на Британска Колумбија (BCEHS) соопшти дека седум лица биле згрижени на местото на настанот, но не им била потребна хоспитализација, објави CBC.

Нападот се случил вчера во пошумена област во близина на автопат.

Мајка на едно од учениците во основното училиште изјави за The Canadian Press дека наставниците се бореле со животното кое напаѓало.

Вероника Шунир (Veronica Schooner) вели дека многу луѓе се обиделе да го спречат нападот, но еден наставник „го примил целиот напад“ и е меѓу оние што со хеликоптер се однесени од местото на настанот.

Таа додава дека нејзиниот син бил „трауматизиран“ од нападот врз неговите другарчиња и оти три деца се потешко повредени.

Портпаролот на BCEHS, Брајан Твејтс, изјави дека временските услови во областа биле лоши, па побарале воздушен транспорт од Центарот за координација на спасувањето.

Во соопштение објавено на Фејсбук, Службата за зачувување на природата на Британска Колумбија (BCCOS) наведе дека службите за вонредни ситуации се на терен заедно со Кралската канадска коњичка полиција (RCMP) и им наредиле на жителите да не влегуваат во шумската и речната област кај регионот 4 Mile до понатамошно известување.