Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени. Судењето треба да продолжи со воведни зборови на одбраната, откако на минатото рочиште, сите обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар.
Дел од нив упатија сочувство кон семејствата на жртвите и нагласија дека го разбираат обвинението, но, не признаа вина за „тешки дела против општата сигурност“.
На минатото рочиште воведни говори даде одбраната на првообвинетиот сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, сопственик на ММММ Кафе, Митко Стојанов, обезбедувачот Стојанчо Димитриев и Гроздан Милковски, сопственик на објектот. Дел од обвинетите во воведните говори, ја оспорија основаноста на обвинението.
Адвокатите нагласија дека нивните клиенти не презеле дејствија кои би имале директна врска со трагичниот настан, и дека поседувале валидна документација. Тие најавија изведување на докази и сведоци кои, според нив, ќе потврдат дека обвинетите не се одговорни за пожарот и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на лична вина.









