Основното јавно обвинителство во Крива Паланка поднесе обвинение против татко и неговите две ќерки поради попречување на службени лица при извршување службено дејство, поврзано со инцидент на 2 декември во месноста Самоков, близу селото Луче.
Според обвинението, семејството спречило инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство да постапат по правосилно решение за одземање крупен добиток.
Таткото се товари и за загрозување на сигурноста, бидејќи за време на настанот им се заканувал на четворица присутни, создавајќи реална опасност по нивната безбедност. Една од ќерките е обвинета за напад врз полициски службеник повикан да асистира при спроведување на решението; според обвинението, таа го влечела и гребела по лицето, нанесувајќи му телесни повреди.
Поради интервенцијата на обвинетите, инспекторите од АХВ не успеале да ја спроведат конфискацијата на добитокот. Тројцата се во притвор од почетокот на постапката, како мерка за обезбедување на доказите.
Со поднесувањето на обвинителниот предлог, надлежниот обвинител побара од Судот да го продолжи притворот за таткото и за едната ќерка, оценувајќи дека постојат причини тие да останат во притвор додека трае постапката.









