Ахмед ал Ахмед, случаен минувач кој вчера херојски совлада и разоружа еден од напаѓачите на плажата Бонди, порача дека и покрај тешките повреди и големите болки, повторно би го направил истото, пишува мелбурншкиот „Дејџ“. Неговиот адвокат за миграции, Сем Иса, го посетил вечерва и потврдил дека Ахмед не жали за својот чин.
„Не жали за она што го направи. Рече дека повторно би го сторил истото. Но болката почна да зема данок“, изјави Иса, додавајќи дека здравствената состојба на Ахмед се влошила. „Воопшто не му е добро. Прострелан е со повеќе куршуми. Нашиот херој моментално се мачи“, рече тој. Ахмед се опоравува во болницата „Сент Џорџ“ во Когарах, по првата операција, а постои стравување дека би можел да ја загуби левата рака.
Тој има пет прострелни рани на раката, а еден куршум, кој се заглавил во задниот дел на левата лопатка, сè уште не е изваден. „Многу е полошо отколку што се очекуваше. Кога ќе помислите на куршум во рака, не помислувате на сериозни повреди, но тој изгубил многу крв“, изјави Иса.
Откако во 2022 година добил австралиско државјанство, Ахмед се чувствува „должен“ на заедницата која го прифатила. „Ахмед е скромен човек, не го интересира медиумското внимание, тој само го направи она што чувствуваше дека мора да го направи како човечко суштество тој ден“, објасни неговиот адвокат.
„Ова е негов начин да ја изрази благодарноста за тоа што останал во Австралија, за доделеното државјанство. Навистина ја цени оваа заедница и чувствуваше дека, како нејзин член, мора да постапи така и да придонесе“, рече тој. Претходно денес, родителите на Ахмед, Фатех и Малака, изјавиле дека нивниот син е „во добро расположение“.
„Рече дека му благодари на Бога што можел да го направи тоа, да им помогне на невините луѓе и да ги спаси од овие чудовишта, овие убијци“, изјави неговиот татко. Мајката додаде дека не можела да престане да плаче од гордост кога слушнала дека нејзиниот син спасил животи.









