Собранието донесе Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција

0
112

Собранието со 65 гласа „за“ и пет гласа „против“ попладнево ја донесе „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во образложението истакна дека парламентарното мнозинство и Владата имаат јасна, доследна и непроменлива политика против нелегалната миграција. Потенцира дека Владата никогаш не побарала, не договорила и нема да дозволи изградба на мигрантски кампови или трајно сместување мигранти на територијата на општините во државата. Со оваа Резолуција, како што посочи, се става крај на сите шпекулации и намерно пласирани невистини кои ги слушаме.

Мицевски нагласи дека Резолуцијата има и јасна превентивна улога – таа испраќа порака дека прашањата поврзани со безбедноста, миграцијата и јавниот мир не смеат да бидат предмет на лаги и политички конструкции.

-Република Македонија се наоѓа во состојба на десет дена континуирана дезинформација по одредени теми и од таа причина, една од мерките којашто ние како одговорно владејачко мнозинство имаме да го преземеме е да укажеме на граѓаните дека она што го тврди дел од опозицијата, и од таа причина јавноста којашто беше изложена на организирана и координирана кампања на дезинформации и манипулации со коишто дел од опозицијата свесно создаваше страв, несигурност и паника кај граѓаните преку лажни тврдења за наводно прифаќање на мигранти и изградба на мигрантски кампови, се настојуваше да се урне довербата во институциите и да се злоупотреби чувството на безбедност на граѓаните за дневнополитички цели. Овие лажни сценарија немаат никаква основа во реалноста и не соодејствуваат ниту со политиките на парламентарното мнозинство, а со тоа ниту на владините политики. Напротив, парламентарното мнозинство и власта имаат јасна и доследна и непроменета политика против нелегалната миграција. Владат никогаш не побарала, не договорила и нема да дозволи изградба на мигрантски кампови или трајно сместување на мигранти на теритоирјата на општините, бидејќи се има обид да се симне оваа тема на општинско ниво и нема да дозволи да се случува никаде во државата, изјави Мицевски

Од таа причина, нагласи Мицевски, како координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, поддржан од колегите од Вреди и ЗНАМ, ја барам вашата поддршка да ставиме, како што рече, еднаш засекогаш крај на штетната реторика со прифаќање на оваа резолуција.

Пратеникот Малиша Станковиќ од СПМ, дел од Коалицијата „Твоја Македонија“, рече дека ова прашање не треба да се користи како дневно политичка алатка, но за жал, како што нагласи, тоа се прави од опозицијата.

– На нас како владејачко мнозиство, на Владата, генерално на власта и остануваат две опции, да си молчи и да остави оваа тема да помине, бидејќи ќе се види дека нема да дојдат мигранти. А, втората опција е да се обиде со сите свои средства да ги убеди граѓаните дека навистина не постои никаква реална опасност од тоа што се шпекулира во јавноста. Владата како одговорна влада и воопшто владејачкото мнозинство, веднаш прибегнуваат кон втората варијанта. Сакате резолуција, ете, еве ви резолуција. Еве резолуција во која сите заеднички ќе се сложиме дека мигранти, дали ќе биде лингвистички, дали се легални, нелегални, во каква било форма, од други држави, во Република Македонија нема да се населуваат. И тоа е суштината на оваа резолуција на која се потпишавме сите пратеници од владејачкото мнозинство, на кое се потпишав и јас, изјави Станковиќ.

Пратеничката Јована Мојсовска од Левица, во реплика, рече дека единствен аргумент за „оваа лошо склопена резолуција“ е дека „премиерот Мицкоски ветил“.

– Ако за Вас секој збор што премиерот Мицкоски ќе го каже е релевантен, тоа апсолутно не важи за нас и ние го имаме целосниот легитимитет, да имаме и тоа како скепса и дилема за она што го ветува премиерот. Јас апсолутно се сомневам во изјавите на премиерот, не затоа што доаѓам од опозицијата, туку затоа што тоа го покажува емпиријата… апсолутно имаме целосен легитимитет да не веруваме во неговите најави дека ќе понесе политичка одговорност доколку се покажат спротивни тврдења за мигранти, затоа што во изминатата година и половина не видовме никаква политичка одговорност за се што говоревте во опозиција, а сега ревносно го продолжувате, изјави Мојсовска.

Пратеникот и координатор на претеничката група на ВРЕДИ, Беким Ќоку, рече дека резолуцијата има превентивна улога, испраќајќи порака дека прашањата за безбедност, миграцијата и јавниот ред не смеат да се манипулираат за политички придобивки.

-Оваа резолуција не и се обраќа на опозицијата во целина, туку на опозицијата која се труди на секој недозволив начин да придобие политички поени на грбот на граѓаните и да создаде политичка нестабилност. Оваа резолуција е најсериозниот и најоштриот одговор како демократско средство, изјави Ќоку.