Пратениците ги изгласаа законите потребни за целосно да профункционира системот безбеден град: Законите за возила, за полиција, за извршување санкции и за безбедност на сообраќајот. Останува да ги доусвојат уште измените во Законот за прекршоци, кој е во второ читање.
Покрај тоа, предложени се и измени во Кривичниот законик за да се усогласат со пакетот закони поврзани со системот „Safe city.“
Законските измени детално ја уредуваат целата постапка – од констатирањето на прекршокот, до изрекувањето на најстрогите мерки, а доуредуваат и други прашања.
Возачите што трипати ќе добијат забрана за возење, ќе останат без возачка дозвола. За неажуриран телефонски број и имејл во станицата за технички преглед предвидена е глоба. Тоа го предвидуваат законските измени поврзани со системот „Безбеден град“, кој од 1 февруари треба целосно да профункционира.
Она што е веќе познато во јавноста е дека сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат СМС на мобилниот телефон и имејл со записник и фотографија од сообраќајниот прекршок. Ќе имаат право на жалба пред суд, а доколку глобата ја платат во првите осум дена, ќе платат само половина.









