Собранието ги изгласа законските измени со кои целосно треба да профункционира системот „Безбеден град“, преку усвојување измени во Законите за возила, за полиција, за извршување санкции и за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во собраниска процедура, во второ читање, остануваат измените во Законот за прекршоци, а најавени се и усогласувања во Кривичниот законик.
Новите законски решенија детално ја уредуваат постапката од евидентирање на сообраќајниот прекршок до изрекување на најстрогите санкции. Клучна новина е одредбата според која возач што трипати во рок од четири години ќе добие правосилна забрана за управување со возило од иста категорија, ќе остане без возачка дозвола. Судот ќе ја одземе дозволата, а лицето нема да смее повторно да полага возачки испит најмалку една година.
По одлуката на судот, МВР ќе биде известено, а возачот ќе добие СМС-порака или имејл дека дозволата му престанува да важи во рок од осум дена. Забраната за управување може да трае од еден месец до една година, а податоците за изречените мерки ќе им бидат достапни и на граничните служби. Кај странските државјани со странска дозвола, забраната ќе важи за територијата на државата, за што ќе биде известена и граничната полиција









