Државниот завод за ревизија утврдил сериозни слабости во начинот на кој Министерството за економија ги издава лиценците и решенијата за категоризација на угостителските објекти, предупредувајќи дека законската рамка дозволува дискотеките, кабареата и другите локали да почнат со работа и без задолжителни проверки за противпожарни, технички, санитарни и еколошки стандарди.
Според ревизијата, ниту една фаза од постапката – од издавање на првично решение до обновување на документацијата – не предвидува соодветен механизам за проверка дали објектите ги исполнуваат минималните услови. Дополнителен ризик претставува и тоа што не постои централен регистар на издадени лиценци, што го отежнува надзорот и создава простор за работа без важечки документи.
Во анализираниот период, Министерството за економија во 2024 година издало две лиценци за дискоклуб, четири за дискоклуб на отворен простор, 16 за кабаре, како и повеќе од 70 решенија за категоризација на ресторани и сместувачки објекти. Во 2025 година, дел од лиценците биле одземени: две за дискоклуб, една за дискоклуб на отворено и осум за кабаре.









